ПРОГРАМА ЗА ПРЕДБАЛЕТСКО ОБРАЗОВАНИЕ

Предбалетското образование е програма предвидена за момчиња и девојчиња на возраст од 3 до 9 години.

ПОЧЕТНО НИВО – Предбалетски оддел I (од 3 до 5 години)

– Предбалетски оддел II (од 6 до 9 години)

ОСНОВНО НИВО – Подготвително ниво (од 10 години )

За учениците од предбалетски оддел I и II, не е потребна аудиција пред запишувањето во училиштето, бидејќи се распределуваат според возраста, додека за учениците од подготвително ниво покрај возраста се зема предвид и нивното балетско искуство и стекнато знаење.

На часовите во детските дисциплини или предбалеткото образование, учениците се запознаваат со основниот концепт предвиден во годишната програма, зависно од нивото во кое посетуваат настава. Во предбалетското образование учениците се фокусирани на основни чекори и терминологија, музикалност, флексибилност и креативно изразување.

Во овие нивоа се обрнува внимание на интеракција, креативност, кореографија и осознавање на телото и мускулите. Напредокот од ниво во ниво се заснова на годишни оценувања за техничка способност на секој ученик поединечно, неговата физичка способност, сила, напор како и редовноста и активното учество на часовите во текот на целата година.

Секоја учебна година трае од 1 септември до 15 јуни.

На крајот на секоја учебна година учениците имаат можност да учествуваат на годишен концерт за да ги истакнат нивните достигнувања во текот на целата учебна година и да стегнат искуство со сценска изведба.

ПРЕДБАЛЕТСКИ ОДДЕЛ I (од 3 до 5 години)

За запишување во овој оддел, учениците треба да имаат три, четири или пет години на почетокот од учебната година.

Во ова ниво учениците посетуваат настава додека не наполнат 6 години, а по завршувањето на ова ниво продолжуваат наставата да ја посетуваат во предбалетски оддел II.

Во овој оддел, учениците почнуваат да ги изучуваат основните елементи на креативно изразување и движење и основата на балетот. Педагозите најмногу посветуваат внимание на развивање на вештини на балетска социјализација кај децата, односно следење инструкции од балетските педагози и следење на редослед на часот. Понатаму, се работи на развивање на нивната моторика, координација и музикалност. Преку едноставни балетски движења се овозможува развој на нивното тело и ум. Самите часови предвидуваат креативни игри и приказни преку кои учениците ја развиваат својата креативност. Во оваа група постои практика на слободно изразување на крајот од секој час, каде учениците имаат простор да импровизираат танцови движења на одредена музика. Исто така, се користат одредени реквизити кои служат како помош за полесно совладување на вежбите и помнење на истите. Најважно кај учениците на оваа возраст е да бидат задоволни од часовите и да ја добијат вистинската слика за класичниот балет.

Предбалетски оддел II (од 6 до 9 години)

За запишување во оваа група, учениците треба да имаат шест, седум, осум или девет години на почетокот од учебната година.

Во ова ниво учениците ја посетуваат наставата додека не наполнат 10 години, а по завршувањето на ова ниво продолжуваат наставата да ја посетуваат во основно ниво – подготвително ниво.

Во овој оддел, елементите на креативно движење и танцување кои учениците ги совладале во одделот предбалет I се дополнети со вежби за координација и вежби за секвентно поврзани танцови движења. Поинтензивно се работи на формација каде децата учат каде им е местото во просторот. Покрај floor barre вежбите, се работат и вежби за зајакнување на нивните нозе и стапала, но и вежби за истегнување и флексибилност на нивните тела. Се изучуваат основни вежби од класичниот балет, како што се основните позиции на рацете и нозете, plié и relevé.

ОСНОВНО НИВО Подготвително ниво(од 10 години)

Учениците од ова ниво мора да имаат најмалку десет години на почетокот од учебната година.

Во ова основно ниво, учениците се воведуваат во основните вежби за совладување на поставеноста на телото, нозете, рацете и главата, развиваат основни вештини за координацијата на чекорите.

На почетокот учениците ги извршуваат вежбите свртени кон балетска палка, држејќи ја со двете раце. Подоцна, вежбите се извршуваат со една рака на балетска палка, свртени кон една страна, а потоа и кон другата, извршувајќи вежби на левата, а потоа и на десната нога.

Балетскиот час се состои од вежби на балетска палка, вежби во средина на салата, скокови и вежби на шпиц патики.