Групна настава
Концептот за групна настава е нов и некарактеристичен пристап кон работата во областа на музичкото образование кога се во прашање изучувањето на инструменти и вокалната интерпретација. Ваквиот начин на работа не се практикува никаде по државните музички училишта во Македонија, на просторите на поранешна Југославија, па ни во државите ширум светот. Според научните методи и методологии, според сите правила и стандарди, се смета дека најголем ефект во образованието, не само музичкото, се постигнува при индивидуалната настава.
Сепак, ние се одлучивме да го спроведеме токму овој концепт на групна настава и се уште се придржуваме кон него затоа што даде извонредни резултати и позитивни ефекти, гледано од повеќе аспекти:
- Социјализација и создавање на нови познанства и другарства надвор од училиштето
- Размена на знаења, техники и други искуства поврзани со музиката и конкретниот инструмент што го изучуваат во групата
- Групата создава услови и атмосфера за интерактивна и подинамична настава
- Создавање на конкурентски дух помеѓу учениците кој води до поголема фокусираност и побрз напредок во изучувањето на инструментот (да се биде подобар од другиот во групата)
- Полесно задржување на концентрацијата (заради динамиката) што овозможува ефикасно совладување на наставната единица
- Меѓусебно поттикнување и давање стимул за надминување на потешкотиите во совладувањето на инструментот (солидарност, емпатија)
- Тимско работење (развивање чувство на заедништво и желба за тимски успех)
Постојат и други предности и придобивки од ваквиот метод на работа, но најважно од сè е дека крајните резултати се позитивни и дека побрзо и полесно се доаѓа до целта. Бројот на учениците во една група зависи од природата на инструментот кој се изучува и во различни класи, различен е и бројот. Групите се формираат врз основа на музичката определеност, возраста и степенот на знаење на учениците. Програмата по која се одвива наставата не е дефинирана во строга рамка, што овозможува наставниот процес да биде адаптибилен, динамичен и флексибилен, лесно прифатлив како за тотални почетници, така и за ученици кои достигнале некакво ниво на музичко образование.
Училиштето на крајот од учебната година организира завршен концерт на кој што учествуваат сите ученици и преку нивниот јавен настап јасно може да се согледа колку научиле и напредувале во нивниот развој како идни музичари.
Фортисимо пакет (гитара, виолина, пијано)
Два пати неделно групна настава со максимум 15 ученици. Часот е 40 минутен.
Месечна чланарина: 2.200 денари