Искра Атанасова - Митуш

Искра Атанасова – Митуш основното музичко образование го започнува во ОМУ “Методи Патче” во Охрид. На седумгодишна возраст таа започнува со изучување на инструментот пијано кај проф. м-р Даниел Чуркоски. Во 2017 година, таа го продолжува своето музичко образование во средното музичко училиште “Илија Николовски – Луј” во Скопје, а потоа на факултетот за музичка уметност во класата на вон. проф. д-р Нина Костова.

Зема учество на бројни концерти во склоп на училиштето и надвор од него и се натпреварува на државно и меѓународно ниво. Таа редовно посетува мастер часови кај реномираниот руски педагог проф. Људмила Романова.

Во текот на своето образование, таа освојува меѓубројни награди и признанија, меѓу кои: меѓународниот натпревар “Полихимнија” во Скопје (2018 год.), на меѓународниот натпревар “Danubia Talents” во Рим (2018 год.) и меѓународниот натпревар “Music Prospect” во Москва (2020 год.), меѓународниот натпревар “Great Composers Competition: Best Bach Performance” (2021 год.) за најдобра изведба на дело од Бах. Освојува прва специјална награда на меѓународниот натпревар “Охрид Те Сакам” (2021 год.).

На 29 мај, 2018 год., во концертната сала ООМБУ “Лазо Мицев – Рале” во Кавадарци, таа одржува полурецитал со сооученик од класата на истата професорка. Во декември, 2018 година, како дел од класата на вон. проф. д-р Нина Костова, учествува на концерт посветен на македонскиот композитор Томислав Зографски. . На 14 мај, 2019 година, во концертната сала на ФМУ, таа одржува самостоен концерт. На 8 август, 2020 година, настапува со камерен оркестар, под водство на диригентот Емин Џијан, како дел од проектот “Нашите деца свират Бах”. На 9 декември, 2020 година, во Музеј на македонска борба, заедно со пијанистката Ивона Базгалоска, одржаа концерт под наслов “Декемвриска хармонија”. На 12 март, 2021 година, во Музеј на македонска борба, одржува самостоен концерт под наслов “Циклична вечер”.